Врз основа на Модел правилата (GloBE Rules) од Столбот 2 (Pillar 2) на Инклузивната рамка на OECD/G20 (BEPS), се поставија правилата за глобален минимален данок од 15 проценти, кој на светско ниво ќе засегне околу 8,000 најголеми мултинационални претпријатија. Земјите од Европската Унија и други јурисдикции ги воведуваат овие правила во домашното законодавство, со примена од 2024 натаму.
Правилата за минимален глобален данок од 15% ќе се применуваат на мултинационална групација која:
во најмалку две од четирите години кои непосредно и претходат на тестираната фискална година,
има годишен приход од најмалку 750 милиони евра во консолидираните финансиски извештаи на ултимативната мајка компанија.
Врз основа на овие правила, мултинационалната групација ќе треба да доплати данок на добивка за своите компании кои работат во други јурисдикции, доколку ефективната даночна стапка на компаниите во државите кадешто работат е пониска од минималната глобална стапка од 15%.
Основно правило е дополнителниот данок да се плаќа во државата кадешто е лоцирана крајната мајка компанија на групацијата, доколку оваа држава ги вовела GloBE правилата. Ако тоа не е случај, данокот може да се наплати од пониската мајка компанија која е следна во сопственичката структура на групацијата (top-down approach). Доколку и ова не е можно, се применува резервно правило согласно кое, дополнителен данок може да се засмета на ниво на друга членка на групацијата лоцирана во држава која ги применува GloBE правилата. Резервното правило е со одложена примена од 2025 натаму.
Имајќи ја предвид ниската стапка на данок на добивка (од 10%) во Северна Македонија, особено ослободувањето од плаќање на данок на добивка за компаниите во Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), како и другите индивидуални мерки на државна помош поврзани со данокот на добивка, очекувано е правилата за глобален минимален данок да ги засегнат македонските компании кои се членки на најголемите мултинационални групации. Во засегнатите случаи, даночната заштеда остварена од работењето во Северна Македонија веќе не би имала ефект на групациско ниво, бидејќи данокот кој е заштеден локално, би се доплатил во државата на мајката компанија до стапка од 15%.
Од овие причини, меѓународните групации кои се присутни во Северна Македонија и се квалификуваат за глобален минимален данок, треба да направат сериозна анализа на неговите даночни последици на локално ниво. За таа цел, потребно е да ја утврдат ефективната даночна стапка на својата компанија во Македонија, применувајќи ги посебните GloBE правила. Притоа, ќе треба да ги земат предвид и потенцијално применливите ослободувања од глобален минимален данок, како на пример:
даночното ослободување за локални компании со ниски приходи и добивка (согласно критериумите на GloBЕ);
даночното ослободување за делот од добивката на локалната компанија кој произлегува од вршење на суштински економски активности во земјата (т.н. substance-based carve-out).
Од друга страна, со цел државата и понатаму да остане атрактивна за инвестирање, учесниците во создавањето на даночната стратегија ќе треба да анализираат каков вид даночни поволности да вклучат во домашната регулатива и да преговараат со потенцијалните инвеститори. Во спротивно, некои од постоечките шеми за поддршка на инвестициите ќе престанат да бидат примамливи за инвеститорите, бидејќи ослободувањата поврзани со данокот на добивка и мерките на државна помош кои се нудат локално, може да предизвикаат зголемени даночни обврски за инвеститорите во странство.
Исто така, очекувано е креаторите на даночната политика да го анализираат ефектот од новиот глобален минимален данок од перспектива на приходите во локалниот буџет и да одлучат дали Северна Македонија треба да имплементира домашни правила за наплата на дополнителниот данок во локалниот буџет.
За подетална дискусија за влијанието на новите правила за глобален минимален данок на вашиот бизнис, Ве молиме контактирајте ги: